Денес во нашето училиште го одбележивме Денот на Македонскиот јазик, преку говори за неговата важност и рецитал ја истакнавме неговата важност и потреба.
Корените негови се длабоки и се поврзуваат со словенските говори што се развиле на овие простори уште од раниот среден век.
Во IX век, делото на светите браќа Кирил и Методиј заедно со нивните ученици Св. Климент Охридски и Св. Наум оставило длабока трага во писменоста и духовноста на словенскиот свет. Од тие темели низ вековите се развиле македонските народни говори.
Долго време македонскиот јазик живеел пред се во народот. Во песните, во приказните, поговорките и секојдневниот говор. Иако немал официјален статус, тој опстанал преку мудроста на народот, преку мајчината реч што се пренесувала од генерација на генрација. Во него се чувала душата на Македонија.
Но, историскиот миг настапил на 2-ри август 1944 година, на првото заседание на АСНОМ кога македонскиот јазик бил прогласен за службен јазик на македонската држава.
Потоа, на денешен ден, 5-ти мај 1945 година, била усвоена македонската азбука. Кратко потоа, на 7ми јуни истата година бил усвоен и правописот. Со тоа официјално била извршена кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Од тој ден, македонскиот јазик застанал исправен меѓу светските јазици-достоинствен, јасен и свој
Наша должност денес е да го чуваме, негуваме и збогатуваме нашиот јазик. Да зборуваме правилно, да пишуваме со љубов и да го пренесуваме со гордост. Зошто народ без јазик е народ без глас. Народ што го чува својот јазик ја чува својата вечност. И како што рекол нашиот великан Блаже Конески:
“Јазикот е единствената наша татковина”.![]()

